Author:
Гучев Филип,Дамјановска Љубинка,Божиновски Ѓеорѓи,Перчинкова-Мишевска Снежана,Јордановска-Гучева Натали
Abstract
Секундарниот Сјегренов синдром (сСС) претставува заболување на сврзното ткиво кое се карактеризира главно со појава на ксерофталмија и ксеростомија, во склоп на други автоимуни заболувања. Преваленцијата на сСС кај пациенти со ревматоиден артритис (РА) е различна во различни држави, но се претпоставува дека изнесува околу 10% од сите пациенти со РА, при што околу 20% од овие имаат супклинички манифестации. Ова претставува голема суппопулација на пациенти со РА, при што клиничките импликации на коегзистирањето на двете болести сèуште се недоволно испитани. Цели: Да се анализираат ефектите на појавата на сСС врз болеста, односно поврзаноста на овој синдром со активноста и еволутивноста на болеста, присуството на серолошки и имунолошки маркери, времетраењето на болеста и квалитетот на животот кај пациенти со РА. Материјал и методи: Беа испитани 42 пациенти на возраст од 18 до 70 години, дијагностицирани според критериумите на EULAR (2010). Дваесет пациенти беа со РА и сСС и 22 пациенти со РА без придружен сСС. Групите беа со слични карактеристики во однос на пол, возраст и времетраење на болеста. Беа анализирани: појавата на сСС и нејзината зависност од возраста и полот на пациентите, демографските податоци, траењето на болеста, присуството на вонзглобни манифестации, а беа направени и серолошки тестови (позитивниот RF, anti-CCP). Активноста на болеста беше анализирана преку индексот на активност на болест - DAS28 (Disease Activity Score 28), а квалитетот на живот на пациентите преку HAQ-DI (Health Assessment Questionnaire – Disability Index). Беше анализиран бројот на болни и отечени зглобови, VAS (визуелна аналогна скала на болка), седиментација на еритроцити (ESR), CRP, а беа направени и имунолошки тестови (SSA, SSB, antidsDNA, ANA, antiU1snRNP) и по потреба други имунолошки и серолошки тестови). Резултати: Кај испитаните пациенти немаше статистички сигнификантна разлика во ESR, CRP, DAS28, HAQ-DI, серопозитивност кон RF или anti-CCP, како и присуството на antidsDNA, ANA или antiU1snRNP, како и траење на болеста. Пациентите во РА групата беа во поголем број, со повеќе отечени зглобови и повисока VAS. Постоеше статистички сигнификантна разлика во позитивноста на SSA и SSB антителата во двете групи. Немаше разлика во лекувањето на пациентите во двете групи. Заклучок: Не постои статистички сигнификантна разлика во нивото на активност на болеста и квалитетот на живот на пациентите со РА во споредба со оние со сСС.
Publisher
Scientific Foundation SPIROSKI